Ријад пресретна ракети на јеменските бунтовници

Саудиска Арабија соопшти дека „пресретнала и уништила“ ракети истрелани синоќа од јеменските бунтовници кон Ријад и друг град близу границата со Јемен.

– Саудиските воздушни одбранбени сили пресретнаа и уништија две балистички ракети истрелани од терористичката милиција Хути, рече Турки ал-Малики, портпарол на воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, која веќе пет години е во војна со Хутите.

Еден портпарол на вооруженото крило на Хутите во телевизиското обраќање изјави дека е изведена „најголемата воена операција“ досега во Саудиска Арабија.

Синоќа се слушнале најмалку три експлозии во Ријад, каде, како и во другите градови во Саудиска Арабија, во сила е полициски час поради пандемијата на коронавирус.

Ал-Малики соопшти дека дека нема убиени во нападот.

„Делови од ракетите паднаа на повеќе станбени области и двајца цивили се полесно повредени“, соопшти саудиската цивилна одбрана на Твитер.

Нападот беше осуден од јеменската влада. „Продолжувањето на ваквите акции на милицијата поддржана од Иран … покажува дека тие не сакаат мир“, оцени Министерството за надворешни работи на Јемен на Твитер.