Ријасетот на ИВЗ ја откажа централната манифестација за Фитр Бајрам

За утринска молитва дома за Рамазан Бајрам во џамија, одлучи денеска Ријасетот на Исламската Верска Заедница во Македонија, објави на својот фејсбук профил Реисот Сулејман Реџепи а во пресрет на празникот Рамазан Бајрам.

„Обавувањето на намазот на Фитр Бајрам да не биде подолго од 15 минути, максимално да се избегнат поздравите со физички контакт, откажување од посета на гробишта, за време на Фитр Бајрам, традиционалните посети треба да бидат што е можно помалку, дезинфекција на џамии, задолжително носење маска, чистење раце со средство за дезинфекција при влезот во џамијата или да се носи ракавици, секој верник треба да има лично сеџаде.“ – Исламска верска заедница.

Вакавата одлука на ИВЗ можеше да се насети во изјавата на муфтијата на град Скопје кој претходно за ТВ 24 изјави дека централна прослава нема да има но сепак џамиите низ земјава ќе бидат отворени.

Освен ИВЗ и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ е „против“ предлогот на Комисијата за заразни болести за 58 часовен карантин за продолжениот празничен викенд во кој се празнуваат Рамазан Бајрам и Св. „Кирил и Методиј“. Во партиското соопштение меѓу другото пишува дека „нелогично да се најавува отворање на рестораните од вторник, а задолжително да се седи дома за време на целиот продолжен викенд“.

„ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката за целосен полициски час и за празникот Велигден, и сега кога е празникот Бајрам. На овој начин се нарушуваат човековите слободи и права. Воедно со ваквите мерки, СДСМ свесно влегува во провоцирање на тензии и конфликти меѓу населението и ја изложува полицијата во непосакувана улога.“ – ВМРО-ДПМНЕ.

А претседателот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи на денешната прес-конференција истакна дека Македонија за Рамазан Бајрам треба да го следи примерот на Турција која определи четиридневен карантин и препорака празникот да се помине дома.

„Во оваа тешка битка која верувам дека ќе ја победиме не водат здравствените експерти, докторите и ние треба да ги слушаме нив. Без офицерите на оваа битка тешко дека ќе ја победиме оваа војна или ќе ја победиме со тешки последици. Второ, ние како држава не сме меѓу развиените земји и затоа треба да ги следиме нив.“ – Мендух Тачи, Претседател на ДПА.

Комисијата за заразни болести предложи полицискиот час за продолжениот празничен викенд да почне в сабота во 19 часот и да заврши во 5 часот наутро во вторник. Причина за ваквата препорака, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче е непочитувањето на мерките од страна на одредени групи граѓани. Конечна одлука треба да донесе владата која најдоцна до утре треба да ја донесе конечната одлука.

За време на велигденските празници граѓаните беа ставени во карантин непрекинато 85 часа. Од петок 17 април во 16 часот, до вторник 21 април во 05 часот изутрина.