Ричард Раундтри, најпознат по улогата на детективот Шафт, почина на 81-годишна возраст

Американскиот актер Ричард Раундтри, „првиот црн акционен херој“, најпознат по улогата на приватниот детектив Џон Шафт во филмот „Shaft” од 1971 година и продолженијата „Shaft Big Score“ и „Shaft in Africa“, но и по улогите кој се занимаваат со расните односи во Америка, почина во вторник на 81-годишна возраст, изјави неговиот менаџер за Hollywood Reporter.

Раундтри почина во својот дом во Лос Анџелес од рак на панкреасот, изјави менаџерот Патрик Мекмин.

„Работата и кариерата на Ричард претставуваат пресвртница за Афроамериканците во филмската индустрија. Влијанието што тој го имаше врз индустријата е несомнено“, рече Мекмин во изјава за Variety.

Раундтри се прослави со филмот „Shaft“ кој припаѓа на таканаречениот жанр „blaxploitation“. Станува збор за филм од 1971 година за приватен детектив од њујоршкиот Харлем, а тој ја повтори улогата во продолженијата и во телевизиската серија.

Улогата на груб уличен лик, полицаец облечен во шарени кожени јакни и популарната музичка тема на Ајсак Хејс придонесоа за неговата популарност меѓу белата публика во седумдесеттите, пишуваат американските медиуми.

Раундтри, исто така, глумеше во ТВ-серијалот за ропство на телевизиската мрежа ABC од 1977 година „Корени“ и се прослави како смелиот моторџија Мајлс во „Земјотрес“ од 1974 година.

Меѓу неговите највлијателни филмови е „Once Upon a Time … When We Were Colored“ (Беше еднаш… Кога бевме обоени) од 1996 година, приказна за тесно поврзана црна заедница која се соочува со расизам во повоениот Мисисипи.

Раундтри продолжи да снима редовно до самиот крај, остварувајќи 159 актерски улоги. Според IMDB.com. неговите три филмски проекта допрва треба да се емитуваат.

Тој има четири ќерки од два брака, Никол, Тејлер, Морган и Кели Раундтри и синот Џејмс, пишува Variety.