Ријад подготвен за испраќање војници во Сирија

Саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир

Саудиска Арабија ќе испрати војници во Сирија во рамки на коалицијата предводена од САД, доколку биде донесена одлука за нејзиното проширување, изјави во вторникот министерот за надворешни работи, Адела ал-Џубеир.

„Разговараме со САД од почетокот на сириска криза за испраќање сили во Сирија“, изјави Џубеир на прес-конференција во Ријад со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Додаде дека Ријад ја изнел оваа идеја и на поранешниот американски претседател Барак Обама.

Сунитската монархија Саудиска Арабија, која е регионален ривал на шиитски Иран, е силен поддржувач на сунитските сириски бунтовници. Официјален Дамаск го обвинува Ријад од почетокот на сирискиот конфликт дека со неговите разузнавачки служби ги испровоцирал крвавите судири во март 2011 година по кој се разгоре меѓуконфесионалниот судир во Сирија и оти во текот на конфликтот ги финансирал џихадистичките групации.