Шпанскиот 33-годишен кошаркар Рики Рубио играчката кариера ќе ја продолжи во Барселона, со која во вторникот потпиша договор до крајот на актуелната сезона во Евролигата, објавија повеќе медиуми.
Рубио ги пропушти поголемиот дел од последните две сезони закрепнувајќи се од скинатиот преден вкрстен лигамент на коленото, а минатиот месец објави дека се повлекува од НБА, каде што мина 12 сезони. Во моментот на објавување на оваа вест, Рубио имаше договор со Кливленд Кавалирс, каде пристигна од Минесота Тимбервулвс во февруари 2022 година. За Кавалирс одигра 67 натпревари и имаше просек од 9,2 поени, 5,1 асистенции и 3,1 скока.
Во текот на својата НБА кариера во регуларниот дел одигра 698 натпревари со просек од 10,8 поени, 7,4 асистенции, 4,1 скока и 1,8 украдени топки. Рубио мина седум сезони во Минесота (421 натпревар), по две сезони во Јута Џез (145 натпревари) и Кливленд (67 натпревари) и една во Феникс Санс (65 натпревари).
Шпанскиот плејмејкер во август минатата година најави дека ќе го „замрзне“ својот играчки статус за да се посвети на менталното здравје.
Рубио пристигна во НБА во 2011 година токму од Барселона, со која беше шампион на Шпанија во 2011 година и победник на Евролигата во 2010 година.
Беше незаменлив член на шпанската репрезентација со која ја освои титулата светски шампион во 2019 година и беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на тој турнир. Има сребро од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и бронза од Рио де Жанеиро во 2016 година, како и четири медали од Европските првенства, злато од Полска во 2009 година и Литванија во 2011 година и бронза од Словенија во 2013 година и Турција во 2017 година.