![rim](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/08/rim.jpg?resize=500%2C230&ssl=1)
До 2017 година целосно ќе се реконструира Римскиот театар на локалитетот Скупи, кој потекнува од 2 век од наша ера со што ќе биде оспособен за културни манифестации.
Локалитетот денеска го посетија министерката за култура Елизабета Канческа-Милеска и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски кои изразија задоволство од активностите од овој капитален проект на Владата на РМ.
Канческа-Милеска истакна дека Римскиот театар бил покриен од големи наноси на земја и истражувањето било многу сложено.
– Резултатите се огромни и видливи и, според динамиката и додека дозволуваат временските услови, оваа година ќе се заврши целокупното истражување на Римскиот театар. Интензивно се работеше и на сценската зграда на театарот и во септември ќе се изработи проект за нејзина конзервација, рече Канческа-Милевска.
Министерката најави дека во 2015 година ќе се прави конзервација на сценската зграда, која има многу зачувани елементи, во јануари треба да се направи проект за целосна конзервација на гледалиштето на театарот, од кој е откриен уште еден лак, а по изработка на проектот ќе следува тендер за реконструкција. Се работи за голем театар кој имал околу девет до десет илјади седишта.
– Според планот, очекуваме на крајот на 2016 и почетокот на 2017 година целосно да биде конзервиран, реставриран и ставен во употреба овој огромен римски театар. Тој ќе биде потврда за огромното културно наследство што го поседуваме и еден комплексен објект кој ќе привлече огромен број туристи и ќе понуди богата културна програма и различни манифестации што ќе се организираат на локалитетот, додаде министерката за култура.
Скупи е прогласен за споменик на културата и е под надлежност на Музеј на Град Скопје.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски изрази благодарност до Владата и Министерството за култура што го финансираат истражувањето на Скупи.
– Задоволство ќе биде во првата половина на 2017 година да ги имаме првите културни настани овде, во амфитеатарот Скупи. Се наоѓаме на огништето на старото Скопје и затоа Скупи е од огромна важност за историјата на градот Скопје, од каде потекнуваме и од каде градот почнал да се развива. Тоа ќе придонесе и за поголема културна афирмација на Скопје, истакна Трајановски.