Римските Евреи лути на штрајкот на синдикатите поради тврдењата за „геноциден Израел“

Еврејската заедница во Рим во петокот соопшти дека е згрозена откако два синдиката свикаа национален штрајк во знак на протест, меѓу другото, и против „поддршката на Италија за геноцидната израелска влада“.

Штрајкот на синдикатите USB и Cobas во петокот првенствено го погоди јавниот транспорт и ќе трае 24 часа.

„Нашиот штрајк е против воената економија и затоа против поддршката на нашата влада за израелската држава“, изјави за Reuters портпаролот на синдикатот USB.

Покрај барањата за повисоки плати и пократка работна седмица, во долгиот манифест на штрајкувачите објавен на интернет конкретно се споменува Израел кога станува збор за противењето на синдикатот за „зголемениот ангажман на (Италија) на боиштата“.

Виктор Фадлун, претседател на еврејската заедница во Рим, ги обвини синдикатите за ширење антисемитизам.

„Разочарување и запрепастување. Нема други зборови за да се опише она што го чувствуваме“, наведува Фадлун во писмената изјавата.

„Соочени сме со појава на омраза кон Израел, која игнорира каков и да е разумен контекст и која не може да има друго објаснување освен … антисемитизмот што врие цело време“, додава Фалдун.

Италија остана цврста на својот став дека Израел има право на самоодбрана по ланскиот напад од палестинското милитантно движење Хамас, но постојано повикува на прекин на огнот и Израел да ги ограничи цивилните жртви.

Штрајкот од петокот имаше ограничен ефект врз транспортот, при што некои линии на метрото беа запрени во Рим и Милано, а трамвајскиот и автобускиот сообраќај функционира во повеќето градови, но со доцнења.