Британскиот премиер Риши Сунак денеска отпатува за Киев за да објави нов пакет воена помош од 2,5 милијарди фунти (2,9 милијарди евра) за Украина за 2024-2025 година, соопшти Даунинг стрит.
Украинскиот претседател ги притиска западните сојузници да и дадат поголема поддршка на земјата во нејзината борба против руската агресија, при што интересот за војната во Европа паѓа како што конфликтот се одолговлекува. Кризата на Блискиот Исток и војната во Газа, исто така, го оттргнаа глобалното внимание од руско-украинскиот конфликт.
Премиерот Сунак ја истакна континуираната поддршка на Обединетото Кралство за Киев пред состанокот со Зеленски, кој доаѓа неколку часа откако силите на Обединетото Кралство и САД започнаа напади против Хутите во Јемен.
Сунак изјави: „Две години Украина се бореше со голема храброст да ја одбие бруталната руска инвазија. Тие се непоколебливи во решителноста да ја бранат својата земја и да ги бранат принципите на слободата и демократијата. Овде сум денес со една порака: Обединетото Кралство нема да се поколеба. Ќе застанеме на страна на Украина, во нејзините најтемни времиња и во подобрите времиња што доаѓаат“.