Ристески: Премиерот Мицкоски ги исполнува ветувањата, Македонија добива нова инвестиција од 35 милиони евра

Дел од она што го очекував и што го најави премиерот веќе се случува, видовме изјава на премиерот за нова странска инвестиција од 35 милиони евра, 100 вработувања. Една од поголемите американски компании Вабтек ќе инвестира во Република Македонија“, истакна Петар Ристески, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во „24 анализа“ на 24ТВ.

Ристески додаде дека она што е прво и најважно за граѓаните во Македонија е да има инвестиции.

„Пред заминување во САД премиерот најави дека покрај средбите и покрај НАТО Самитот ќе објави нова инвестиција. И тоа што го најави веќе се реализира“, потенцираше Ристески.

Тој посочи дека околу политичкиот дел на НАТО Самитот и она што претходно министерот Муцунски го најави на појадокот со амбасадорите и она што премиерот претходно го најави е дека Република Македонија продолжува по патот на евроатлантската интеграција.

„Македонија е подготвена за реформи, ќе ги почитува насоките од НАТО и од ЕУ и тоа се со една цел за напредок на државата“, заклучи пратеникот.

„Ние само кажуваме дека ќе бидеме легалисти, ќе го почитуваме законот како што бараме од секој граѓанин на Република Македонија да го почитува законот и нема да владееме во беззаконие“, истакна Ристески.

Пратеникот укажа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да владее како што досега владееше Владата на СДСМ и ДУИ. Веќе нема да има носење на штетни политики.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на создавање на подобри услови, средување на државата и на институциите. Потребно е Македонија да стане силна држава“, рече тој.