Повредата на средниот бек на Металург, Наумче Мојсовски, која целосно ја засени победата над вечниот ривал Вардар, тешко му падна на претседателот на Металург, Ристо Чокрев. Тој за Нова Македонија изјави дека е многу разочаран и дека тешко ќе најдат адекватна замена.
„Многу сум разочаран од она што се случи на овој меч и од сознанието дека Наумче Мојсовски поради повреда ќе отсуствува од терените следните шест месеци. Дури не отидов на закажаниот прес по натпреварот, од што бев разочаран. Веста за видот на повредата ја дознав од Филип Христов, кој беше со Мојсовски. А Мојсовски, пак, е таков тип на играч за кого тешко дека ќе можеме да најдеме адекватна замена во овој миг, барем од она што остана на пазарот на слободни играчи“, изјави Чокрев за дневниот весник Нова Македонија.