Ристовска бара затворски притвор за Мијалков

Јавната обвинителка Ленче Ристовска побара од Судот на обвинетиот Сашо Мијалков да му биде изречен ефективен притвор наместо домашен, оти, како што рече, во текот на вчерашниот ден добила известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека полицијата не поседува технички можности за 24-часовен видео и аудио надзор во домот на обвинетиот.

– Потврдени се податоците дека обвинетиот Мијалков има дозвола за престој регистриран на адреса на живеење во Прага, две возила на свое име, а се работи за човек којшто е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, членовите на неговото семејство исто така поседуваат бизниси, и сето тоа му става на располагање можности да организира логистика и може да живее во бегство. Затоа до Судот доставуваме тековни состојби на компаниите каде што се јавува Мијалков како сопственик. Ќе потенцирам дека во конкретниот случај стои штетноста од последиците на кривичното дело и ќе укажам дека јачината на загрозувањето во конкретниот случај се такви да сметаме дека заедно со сите околности го оправдуваат барањето за ефективна мерка притвор на обвинетиот Мијалков. Во однос на обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои се во бегство, сметаме дека треба и за нив да биде определена мерка притвор која ќе се спроведе од моментот на нивно пронаоѓање. За Тони Јакимовски, со оглед на тоа што е осуден на 6 години, сметаме дека има опасност од бегство, поради што и за него предлагаме мерка притвор.

Одбраната на Сашо Мијалков смета дека предлогот на јавниот обвинител е неоснован.

– Во моментов на Мијалков му е определен домашен притвор во којшто стриктно се наведени обврските кои обвинетиот треба да ги исполни. Дали до овој момент е нарушен било кој од овие обврски, односно основот за донесување на ова решение? Одбраната, а и јавниот обвинител е свесен дека такво нешто не е сторено. Се поставува логично прашање дека МВР не може да ги обезбеди обврските и тоа се наведува како основ поради којшто треба на Мијалков да му се определи ефективен притвор. Тоа што државата не може да го обезбеди тоа што законот го бара, не може да му се припише на Мијалков – рече адвокатот Љупчо Шврговски.

И одбраната на обвинетиот Тони Јакимовски смета дека не е потребна мерка ефективен притвор.

– Обвинетиот во ниту еден момент не остави сомнеж дека може да побегне од земјава. Од тие причини бараме овој предлог да не биде прифатен – рече адвокатот на обвинетиот.