Ристовски: Целосно успешно спроведен вториот дел од екстерното тестирање

Целосно успешно е спроведен вториот дел од екстреното тестирање на средношколците во завршните (трета и четврта) година, оцени денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

„Би сакал да го оценам целосно успешно спроведувањето на екстерното тестирање кај матураните во оваа 2014-та година, кое што за прв пат беше спроведено“, рече денеска Ристовски, кој упати благодарност до сите инволвирани во овој процес.

Со екстреното тестирање, како што рече тој, беа опфатени вкупно 21.854 ученици од завршните трета и четврта година.

„Со овој процес беа опфатени вкупно 21.854 ученици од завршните години, односно 2.814 професори по  1.524 предмети“, појасни денеска Ристовски.

Тој оцени дека вториот дел од екстерното тестирање помина во најдобар ред, при што оцени дека денеска не е поднесен ниту еден приговор или забелешка.

Преку претходно упатените забелешки и сугестии, како што рече тој, беа направени и одредени корекции со цел поуспешно спроведување на овој процес.

Матурантите годинава првпат полагаат екстерно, бидејќи нивните врсници минатата година беа изземени од овој процес, и ќе бидат први на годинашното тестирање (2013/2014) бидејќи во јуни ќе имаат обврски за полагањето на државната матура. Сите други ученици, од трето одделение до трета година средно, екстерно ќе бидат тестирани на крајот на учебната година.

Министерството за образование и наука креираше систем во кој за матурантите пред тестирањето беа достапни сите прашања за сите предмети од сите видови образование. Бројот на прашања на тестот зависи од тоа колку е предметот  застапен неделно во наставата, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, просечно ќе има околу сто прашања.