Ристовски: Инвестирани 120 милиони евра во образовната инфраструктура

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски во вчерашното гостување во ТВ Нова истакна дека oбразованието е најзначаен ресурс за развојот на државата и затоа овој сектор останува врвен приоритет на Владата.

Во таа насока Ристовски потенцираше дека во изминатиот период се инвестирани околу 120 милиони евра во образовната инфраструктура.

-Во изминатите неколку години се инвестирани 120 милиони евра во образовната инфраструктура, а само во моментов имаме активни инвестиции во вредност во 30 милиони евра. Оваа инвестициска активност резултира со изградбата на 74 нови училишта, реконструкцијата на над 400 постоечки училишни објекти, реконструкции во студентските домови и изградба на нови сместувачки капацитети, изградбата на 64 спортски сали, изградба на нови згради за високо образовните институции и други објекти, истакна Ристовски.

Заменик министерот информираше дека фокусот на Владата и оваа година е насочен кон образованието, додавајќи дека буџетот на МОН за 2017 изнесува 25 милијарди денари, што претставува зголемување за 86 отсто споредено со средствата што се издвојувале за овој сектор во 2006 година.