Спиро Ристовски, претседателот на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која што кажа дека откако минатиот пат ги презентирал информациите дека СДСМ ќе ја користи и злоупотребува полицијата во функција за подобар изборен резултат, тие информации биле потврдени и од самите партиски штабови на СДСМ кои правеле стратегии врз основа на насоката од ниванта централа дека МВР ќе работи за СДСМ на овие избори.
– Фатени на дело дека прават изборни злоупотреби, и соочени со својот страв од сериозен пораз кој им следува на локалните избори, СДС проба да ја исмее и потисне нашата прес конференција, но вистината не може да биде скриена, и по кој знае кој пат фактите го демантираа СДС и фактите потврдија дека СДС ја користи полицијата во партиски цели. Денес од полицијата на СДС беше поднесена кривична пријава против уште еден наш кандидат за градоначалник, против Славчо Чадиев од Велес, и тоа неаргументирано, без докази, без факти, единствено во функција да се оцрни нашиот кандидат за градоначалник и да се фаворизира нивниот кандидат. Значи Чадиев е гонет затоа што ставил точка на дневен ред! Да, добро слушнавте за ставена точка на дневен ред на Совет на Општина Велес во 2012 година. Без предметна кривична пријава, за ставена точка на дневен ред, исто како и беспредметните кривични пријави за уште двајца наши градоначалници од кои на едниот му беше поднесена за неосигураноста од шарањето на општината од страна на платениците на СДС, а на другиот врз основа на сменета изјава на еден поединец кој работи за СДС, рече Ристовски.
Тој додаде дека тоа се монтирани случаи во класичен сталинистички стил и се доказ дека СДСМ ја користи полицијата за партиски цели и во функција на нивната кампања.
– Тие ја користат полицијата да поднесуваат вакви банални кривични пријави за граѓаните да мислат дека нашите кандидати нешто лошо направиле, да бидат оцрнети и да им биде пресудено без суд. Тие ја користат полицијата и да одвратат други наши кандидати од локалните избори. Се закануваат, притискаат, прават монтирани случаи, пласираат груби лаги и конструкции. СДС ја користи полицијата во нивната кампања и во партиски цели. Тоа е груба злоупотреба и за ова еден ден ќе одговараат и оние кои ова го смислиле, но и оние кои ова ќе го реализираат истото, рече Ристовски.
Тој им порача на полицајците да не влегуваат во вакви замки и игри, бидејќи тие знаат што значи и каков криминал некој ги тера да прават и уште имаат време да се тргнат од одговорноста, а нарачателите нема да може да избегаат од одговорност и правда.
– СДС одбра да оди по погрешен и многу опасен пат. Ваквите удбашки методи нема да помогнат на нивниот рејтинг и тие ќе загубат убедливо на локалните избори. Ништо не може да ги спаси од пораз, ова помрачување кое го прават е видливо за секого и тоа мора и тоа ќе биде прекинато. ВМРО-ДПМНЕ е подготвено на сериозен и суштински одговор на оваа ступидна, погрешна и тотално непродуктивна стратегија која ја применува СДС, рече Ристовски.