Малиот број на приговори е уште еден доказ и потврда дека екстерното тестирање оваа година помина без многу проблеми и забелешки, рече денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
„Врз основа на извештајот што го добив денеска од Државниот испитен центар, 130 приговори се прифатени, 133 се одбиени, а за останатите 20 ќе се одлучува по извештај од Државниот просветен инспекторат. Многу е мал процентот на поднесени приговори што е уште еден доказ и потврда дека екстерното овој пат помина без проблеми и забелешки“, рече Ристовски по посетата на основното училиште „Ѓорче Петров“ во Скопје.
Прифатените приговори се од две училишта во Куманово и Гостивар од каде што и се очекувале приговори поради пропусти во верификацијата на распоредите на првото од двете тестирања.
„Беше направен пропуст во однос на наставниот јазик на кој учениците ја следат наставата и на тие ученици им се прифатени приговорите“, додаде Ристовски. .
Оваа година со екстерното тестирање беа опфатени 21.854 матуранти. Просечната оценка на тестираните матуранти од 96 средни училишта во Македонија е 3.39. Најдобри резултати постигнале матурантите од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“-Скопје, а следни се: „Јосип Броз-Тито“-Битола, уметничкото „Лазар Личеноски“-Скопје, „Орце Николов“-Скопје и „Гоце Делчев“-Куманово на петтото место.