Ристовски: Очекувам опозицијата да биде присутна во парламентот за законот за судови

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски изјави во саботата дека очекува опозицијата да биде присутна на собраниската седница во вторник, на којашто ќе се разгледува Законот за судови за чие донесување е неопходно двотретинско мнозинство.

„Колку што знам опозицијата ќе се појави во вторник на пленарна седница токму за законите за кои е неопходно двотретинско мнозинство. Законот во целост е усогласен со нив и секако мора да бидат присутни на седницата“, рече Ристоски по пуштањето во употреба на новиот Кривичен суд во Скопје.

Смета дека ќе се реализира планираната агенда иако Министерството за правда подолг период е без министер.

„Нема значење тоа што нема министер и сз си тече тековно, како што е во Планот 3-6-9. Во средата на Комисијата за политички сиситем и односи меѓу заедниците во Собранието помина во прво читање законот за судови и за Судски совет. Во понеделник сме на Законодавно правна комисија, а во вторник на пленарна седница во прво читање“, рече Ристовски.

Запрашан кога очекува да биде назначен нов министер за правда, Ристовски рече дека тоа зависи од разговорите кои се водат за проширување на парламентарното мнозинство.

На првиот состанок на Телото за следење на реформите во правосудството, како што кажа, се разговарало околу деловникот за кој имало неколку забелешки поради што не е усвоен.

„Во средата се одржа конститутивната седница, ќе продолжиме сега во среда, а потоа на секои две седмици во среда од 17 до 19 часот. Во среда очекувам да го усвоиме деловникот и да се разгледа законот за судови во делот на дисциплинската одговорност на судиите која не ја расчистивме докрај со опозицијата. Поради тоа на 11-ти април ќе организираме јавна расправа во Собранието и тоа ќе биде изнесено пред Советот за да видиме каков став ќе заземе“, истакна Ристовски.

Посочи дека во фокусот на работата на Министерството е носењето на реформските закони, поради роковите од Европската унија, а потоа, како што кажа, ќе се посветат на несогласувањата меѓу нотарите и адвокатите.

„Веќе се одржаа две средби, една со премиерот, а вторта во Министерството за правда. Отогаш не е одржана нова средба“, додаде Ристовски.