Министерот за образование, Спиро Ристовски ја продолжи практиката на отвореност и транспарентност во комуникацијата со граѓаните преку интернет.
На неговата официјална страна на Фејсбук, вчера беа поставени речиси 300 прашања на кои министерот одговараше преку видео разговор.
Ристовски во разговорот потенцираше дека младите и студентите во Македонија и понатаму ќе бидат поддржувани, поттикнувани и можат да очекуваат позитивни промени затоа што тие се движечката сила на државата.
Одговорени беа голем дел од прашањата, а граѓаните најмногу се интересираа за отварањето на нови дисперзирани студии, стипендиите, задолжителните предмети во средно, поволностите за студентите и слично. Токму оние области во кои до сега се направени најголеми реформи, а на кои повторно во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за 2014-2018 им е обрнато значително внимание.
„Планираме извесни бенифиции во следниот период за студентите. Слушнавте дека ќе има слободен четврток, кога ќе има бесплатен јавен превоз. Еднаш месечно ќе има и бесплатен превоз за во јавниот и железничкиот сообраќај за студентите кои ќе сакаат да заминат во свјот дом. Ги најавивме попустите кои ќе се однесуваат за посета на театри и кина. Јас ве уверувам дека во следниот период во однос на студентите и младите во Македонија ќе се случуваат многу позитивни работи“, потенцираше Ристовски.
На крајот од видео разговорот, министерот Ристовски истакна дека е огромна чест што што успеал да одговори на поголемиот дел од прашањата кои му беа поставени и апелираше до граѓаните и во следниот период своите прашања да ги напишат на неговата официјална Фејсбук страница.