Новите дождови кои се најавени во северниот дел на Франција ја зголемуваат опасноста од нови поплавим посебно долж реките Сена, Марна и Лоара, поради што се изаддени предупредувања во речиси сите департмани од северот на земјата, јави дописникот на МИА од Париз.
По еднодневното смирување на дождот, во текот на денешниот ден се очекуваат нови врнежи. Од почетокот на врнежите спасувачките екипи интервенираа 10 000 пати. Градот Немур е веќе под вода.
– Станува збор за исклучителен пораст на водата во реките, поголем од тој од историските поплави од 1910 година, кога Париз пливаше под вода, предупреди Метео Франс.
Во осумдесет општини е прекината наставата, пред се во реонот на Луанг, притока на Сена. Во Немур нивото на водата достигнато за време на поплавите во 1910 година од 4,25 метри веќе е надминато.
Околу 10.000 домови се без електрична енергија, а пристапот кон Орлеан е отежнат поради поплавените пруги и патишта. Прекинат е сообраќајот и на автопатот А10, а замокот од Шамборд е опколен со вода.
Во Париз, еден дел од кејот на Сена е затворени по изливањето на водата. Според прогнозата, се очекува нивото на Сена да продолжи да расте и за викеднот е предвидено таа да достигне меѓу 5,10 и 5,70 метри.
Од силните и обилни врнежи на дожд се погодени и Австрија и Германија.