Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ќе инсистира со новиот закон за градба, што се подготвува при издавање одобрение за градба инвеститорите да се обврзат дека зградата што ја градат ќе ја приклучат на организиран систем на топлинска енергија таму каде што има таков систем.
Според претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, тоа е во насока на оптимизирање на потрошувачката на струја, но и од аспект на загадувањето затоа што топланите во Скопје користат природен гас и од нив има најмало загадување.
– Како РКЕ при носењето на новиот закон за градба ќе инсистираме при издавање одобрение за градење точно да биде наведен и начинот на греење што ќе биде во самиот објект за да немаме случаи со згради што се наоѓаат покрај топланите во Скопје да не се приклучуваат на топлинска енергија, затоа што наводно ќе се грееле на струја. Тоа е апсолутно нелогично решение и како РКЕ со нашите надлежности ќе се спротивставивиме на тоа имајќи во предвид дека овој тип на издавање одобрение за градба е веќе дефиниран во земјите на Европската унија, изјави Бислимовски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната јавна расправа за Предлог-мрежните правила за пренос на електрична енергија на АД МЕПСО.
Не може, дополни Бислимовски, секој да си прави како што сака кога постои организиран начин на затоплување. – Ние не сме богата земја енергетски па да правиме и да се изживуваме во системот. Тоа е тоа што имаме и апсолутно максимално треба да ги искористиме капацитетите што ги поседуваме. Ние сме увозно зависна земја, увезуваме 100 проценти природен гас, и нафта увезуваме, а и 30 проценти електрична енергија секоја година. Значи, треба да разбереме дека треба да се однесуваме одговорно кон трошењето на кој било тип енергија, нагласи Бислимовски.
Тој информираше дека изминатиот период има зголемен број нови згради што се приклучуваат на системот на топлинска енергија.
Како што потенцираше, РКЕ за две-три недели ќе има конечен став во однос на постапката за издавање лиценца за топлинска енергија на град Скопје, што сега е запрена. Сегашниот снабдувач БЕГ ќе продолжи да работи оваа грејна сезона.
– Постапката е запрена. Добивме податоци од Град Скопје, се обративме и до Владата и во текот на наредните две-три недели ќе ги разгледаме сите информации и ќе донесеме конечен став за постапката за издавање лиценца. Како и да е скопјани треба да бидат безгрижни БЕГ оваа сезона ќе продолжи да си работи и ќе нема промени во текот на грејната сезона, рече Бислимовски и најави дека по завршување на грејната сезона ќе има конкретни податоци од операторот на дистрибутивниот систем за бројот на потрошувачите кои повторно се вратиле во системот.