Родителите најавуваат протести и бојкот на наставата доколку Царовска не се откаже од воведување дигитални учебници

Воведувањето на дигитални учебници кое го најави министерката за образование и наука, Мила Царовска и понатаму предизвикува големо незадоволство кај голем број родители. Веднаш по оваа нејзина најава по социјалните мрежи се формираше група под името „Учебници и настава мора да има“ каде што голем број на родителите јасно посочуваат дека се против тоа.

Од истата група може да се увиди дека најпрво беше направена онлајн петиција против воведување на дигиталните учебници, а истите членови најавуваат и отварање на пунктови ширум целата држава, а истовремено од нивна страна се подготвуваат и протести.

Доколку сето ова не се исполни кое родителите го бараат, истите најавуваат дека од септември ќе ја бојкотираат настава.

-Се запрашала ли министерката Царовска што ќе правиме ние што имаме три деца и од септември треба да имаме онлјан настава? Колкави треба да се нашите станови за да децата имаат своја соба и услови да следат настава во мир и тишина? Бојкот на наставата од септември доколку нема враќање на учебниците и на децата во училиште, напиша родител.

Сите овие ставови на родителите јасно порачуваат дека тие се против воведувањето на дигитални учебници кои ќе имаат негативно влијание врз нивните децата, но и врз целиот образовен процес.

Само за потсетување пред повеќе од десетина дена миинистерката за образование, Мила Царовска најави воведување на дигитиални учебници.

-Новиот Закон за учебници влегува во Собраниска процедура и очекувам да биде донесен. Им се заблагодарувам на сите кои учествуваа во неговото креирање и очекувам заедно по неколку години да ги видиме ефектите од тоа што сме го спровеле, напиша Царовска на својот фб профил.