Родителите на момчето масовен убиец во белградското училиште осудени на 14,5 и три години затвор

Во понеделникот, Вишиот суд во Белград им изрече првостепена пресуда на родителите на момчето кое на 3 мај минатата година изврши масовно убиство во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, со што ги прогласи за виновни и ги осуди на затворски казни од три до 14,5 години.

Таткото Владимир Кецмановиќ е осуден на единствена казна од 14,5 години затвор, а неговата сопруга Миљана на три години затвор.

Владимир Кецмановиќ е осуден за кривични дела запоставување на дете и тешко кривично дело против општата безбедност, додека Миљана е осудена за запоставување на дете и недозволено поседување муниција.

Немања Маринковиќ, инструктор на стрелиштето каде таткото го носел малолетниот син и го учел да пука, со истата пресуда е осуден на 15 месеци затвор за давање лажен исказ.

Сопственикот на стрелиштето Ратко Ивановиќ склучил спогодба со обвинителството, а судот го прогласил за виновен за давање лажен исказ и му одреди шест месеци куќен притвор.

Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, во завршниот говор побара максимални затворски казни за сопужниците Кецмановиќ – за таткото, единствена затворска казна од 14 години и 11 месеци за тешко кривично дело против општата безбедност и запуштање и злоупотреба на малолетно лице.

За мајката Миљана Кецмановиќ обвинителот предложи единствена затворска казна од пет години и пет месеци за недозволено поседување оружје и муниција и за запуштање и злоупотреба на дете.

Малолетното, К.К., кое во моментот на делото имало неполни 14 години, не одговара пред законот и е под посебен надзор во психијатриската установа.

Судењето беше затворено за јавноста за да се заштитат интересите на малолетните жртви.

На првиот час во училиштето „Владислав Рибникар“ на 3 мај, К.К со пиштолот на својот татко уби девет соученици и службеник на  училишното обезбедување, а рани уште пет соученици и наставничката по историја.