Родителите на тинејџерот од Мичиген кој уби четворица соученици беа осудени на 10 до 15 години затвор во вторникот, откако поротата ги прогласи виновни за убиство од небрежност, во редок случај на родители осудени за пукање во училиште.
Џенифер и Џејмс Крамбли, родителите на Итан Крамбли, беа осудени веднаш откако неколку родители на жртвите дадоа емотивни изјави во судницата во Оукленд, во сјоузната држава Мичиген.
„Не само вашиот син ја уби мојата ќерка, туку вие двајцата“, изјавила пред судот Никол Босолеј, мајката на 17-годишната Медисин Болдвин. Џејмс Крамбли седел неподвижен додека неговата сопруга Џенифер ја спуштала главата, пренесува Reuters.
Итан Крамбли имал 15 години во времето на пукањето во средното училиште во Оксфорд, во Мичиген во 2021 година. Тој се изјасни за виновен во 2022 година по четирите точки за убиство од прв степен и други обвиненија, а во декември лани беше осуден на доживотен затвор без помилување.
Обраќајќи се пред судот пред изрекувањето на пресудата, 46-годишната Џенифер Крамбли рекла дека ја изразува својата „најдлабока тага“ и додала дека не знаела дека нејзиниот син е способен да убие. „Ќе бидам во мојот внатрешен затвор до крајот на животот“, рекла Џенифер Крамбли и неколкупати ги именувала жртвите на нејзиниот син.
Нејзиниот 47-годишен сопруг, обраќајќи им се на судот и родителите, реколе: „Жал ми е за вашата загуба како резултат на она што го направи мојот син. Ова ви го кажувам од длабочината на срцето“, рекол Џејмс Крамбли.
Обвинителите на судењата тврдеа дека двајцата родители биле небрежно бидејќи за Божик нивното деле му подариле пиштол и ги игнорирале знаците дека неговото ментално здравје се влошува и дека е потенцијално насилен. Адвокатите, пак, тврдеа дека родителите не можеле да предвидат дека нивниот син ќе изврши масовно пукање.
Соединетите Американски Држави, земја со редовно насилство со огнено ружје, последните повеќе децении доживуваат серија престрелки во училиштата, често извршени од сегашни или поранешни ученици.
Има малку преседани за кривичните обвиненија со коишто сега се соочија родителите на Итан Крамбли, а тие се првите родители обвинети за убиство од небрежност во пукање во училиште, кривично дело извршено од нивното дете.
Џејмс Крамбли му купил на Итан полуавтоматски пиштол од 9 мм како божикен подарок само четири дена пред пукањето на 30 ноември 2021 година. Претходно истиот ден, двајцата родители на Итан биле повикани во училиштето на разговор, откако наставниците открија насилни пораки и цртежи во неговите тетратки, соопштија обвинителите во текот на судењето.
Родителите биле информирани дека на Итан му е потребно итно советување од стручна служба. Но, обвинителите велат дека родителите се спротивставиле и го однеле синот дома и дека ниту му го пребарале ранецот, ниту го прашале за пиштолот што знаеле дека го има на располагање. Итан Крамбли беше вратен на училиште. Тој подоцна излегол од тоалетот со пиштолот и почнал да пука, велат обвинителите.