Роднина на функционер на СДСМ физички го нападнал и повредил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за Вевчани

Во инцидент со физичко насилство во четвртокот во Струга настрадал претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани, Ѓорѓи Влајнкиноски кој во моментов се наоѓа во болница.

„Според полициски извори во Струга, Влајнкиноски бил нападнат додека седел во кафуле во овој град. Напаѓачот кој употребил физичка сила е близок роднина на градоначалникот на Вевчани во заминување Сашо Јанковски кој, според очевидци, физички го нападнал претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани како последица на изборната кампањата по која Јанковски заминува од градоначалничката позиција“, објави Експрес.

Лицето кое го извршило нападот е шура односно брат на сопругата на Јанковски и важи за еден од најгласните активисти на СДСМ во Вевчани.

Инцидентот е пријавен во полиција а Влајнкиноски во моментов е во струшката болница, потврдуваат членови на неговото семејство.