Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави денеска дека е отворен да разговара за мали измени, дополнувања или амандмани во нуклеарниот договор од 2015 година, доколку Соединетите Американски Држави ги укинат санкциите за Техеран.
– Јас сум подготвен да разговарам за мали измени, дополнувања или амандмани на договорот ако се укинат санкциите, рече Рохани во Њујорк, каде што присуствува на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година се повлече од нуклеарниот договор, кој Иран го потпиша со западните сили и воведе нови, поостри санкции за Техеран.
Инаку, за време на престојот во Њујорк, Рохани има ограничено движење, јави иранската агенција Фарс.
Како што е наведено, Рохани не може сам да го напушти седиштето на Светската организација на Менхетен, а за престој во хотелот морал да добие специјална дозвола.
Иранската агенција Ирна, пак, пренесе дека една третина од иранската делегација не можела да добие виза за да присуствува на седницата на ГС на ОН.
САД во четвртокот издадоа визи на Рохани и на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф.