Бунтовниците од муслиманската малцинска заедница Рохинџа (Рохинга) прогласија едностран прекин на огнот кој стапува на сила во неделата во траење од еден месец, за на организациите да им овозможат да доставуваат помош и да ја ублажат хуманитарната криза на северозападот од Мијанмар.
Речиси 300.000 припадници на заедницата Рохинџа пребегале во соседниот Бангладеш, а 30.000 немуслимански цивили се раселени во внатрешноста на Мијанмар откако војската на оваа земја ја започна противофанзивата како одговор на бунтовничката Војска за спас на Рохинџа Аракан (ARSA).
„Војската за спас на Рохинџа Аракан цврсто ги поткрепува сите хуманитарни активисти да ја продолжат хуманитарната помош на сите жртви во хуманитарната криза, без оглед на етничката или верска припадност во текот на периодот на прекинот на огнот“, се наведува во писмената изјава на ARSA.
Ефектот од ваквиот потег засега не е јасен, се оценува во агенциските извештаи, и се напомнува дека овие бунтовници не се покажале како сила способна да пружи посериозен отпор на мијанмарската војска во сојузната држава Рахин на северозападот од Мијанмар. Во последните две седмици запалени се илјадници куќи, разорени се села и илјадници луѓе се во бегство кон границата со Бангладеш, за што меѓусебно се обвинуваат и владините сили и бунтовниците.
Бранови изгладнети и трауматизирани беглаци пристигнуваат во Банлгадеш исцрпувајќи ги капацитетите на хуманитарните агенции и локалните заедници кои веќе тешко се справуваат со стоиците илјади луѓе кои во претходните бранови бегаа пред насилствата во Мијанмар.
Во петокот службениците на Обединетите нации во Бангладеш пронашле десетици илјади бегалци кои досега не биле регистрирани , па светската организација го коригираше претходниот податок за бројот на бегалците од 164.000 на 270.000 луѓе. Во саботата беше соопштено дека бројот на бегалците се зголемил на 290.000 лица.
Најновото насилство во покраината Рахин започна пред околу две седмици кога бунтовниците Рохинџа нападнаа 30 полициски станици и воена база, по што следеше контраудар. Во судирите и силниот воен одговор убиени се најмалку 400 луѓе и започна егзодусот во Банлгадеш.
Мијанмарската челничка, добитничка на Нобеловата награда за ир, Аунг Санг Суу Кји, нејзините довчерашни западни поддржувачи сега ја критикуваат дека не се зазема за муслиманите Рохинџа во земјата кои долго се жалат дека се жртви на систематски прогон.
На околу 1,1 милиони муслимани Рохинџа во мнозинскиот будистички Мијанмар, им е ускратено државјанството на Мијанмар и се сметаат за илегални имигранти, главно од соседен Бангладеш и покрај тоа што во тој дел од Мијанмар живеат со векови.