Рокади во владините ресори – Шукова предлог за екологија, Манолева во здравство, Јајага во одбрана

Каја Шукова, државната секретарка во екологија, ќе биде предлогот на СДСМ за нова министерка за животна средина. Шукова на министерската позиција ќе дојде на местото на Насер Нуредини откако за влезот на Алијанса за Албанците во Владата, ДУИ таа позиција ја отстапува на СДСМ.

Според информации од партиски извори, доктор Маја Манолева од Институтот за физикална медицина и рехабилитација, ќе биде заменик министер за здравство, на местото на Владимир Рендевски, а Тирон Јајага од Алијанса е можен кандидат за заменик министер за одбрана.

Во текот на денот се очекува средба на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Алијанса, Арбен Таравари, по која ќе биде соопштен конечниот меѓупартиски договор.

Синоќа, заседаваше Централниот одбор на СДСМ и Централното претседателство на Алијанса за Албанците. Партиските тела дадоа поддршка за коалициска соработка. Алијанса потврди дека добива три министерски места и тоа министерствата за правда, за здравство и за информатичко општество или вицепремиерско за економија, што зависи од одлуката на Алтернатива дали ќе остане или ќе си замине од Владата. За Алијанса ќе бидат отстапени и заменик-министерските места во Одбрана и во Земјоделство, како и повеќе директорски позиции.

Алтернатива најави дека денеска ќе ја соопшти својта одлучи дали ќе остане во Владата или не.