Рокас порача собранискиот состав да ја забрза работата и да ги донесе уставните измени

Новиот собраниски состав да ја забрза работата и да ги донесе уставните измени за државата да оди напред по европскиот пат, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на денешната прва конститутивна седница на Националниот совет за евроинтеграции.

Новиот собраниски состав да ја забрза работата и да ги донесе уставните измени за државата да оди напред по европскиот пат, порача евроамбасадорот Михалис Рокас на денешната прва конститутивна седница на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, откако е избран новиот состав. Рокас пред пратениците и присутните неолкупати ги повика сите да ја искористат шансата и наклонетоста, како што рече, од ЕУ за проширување.

-Новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите кои се неопходни за процесот на ЕУ интеграција вклучително и уставните измени. Би сакал да ве поттикнам уште еднаш да го искористите тековниот момент на наклонетост кон проширувањето. Има вистински моментум, има вистинска посветеност и од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон ЕУ. Има навистина голем интерес и благонаклонетост од ЕУ кон Македонија за да го отвори првото поглавје во преговорите, изјави Рокас.

Ги разбираме изјавите од Брисел, но треба да бидеме порационални и прагматични, а ЕУ да покаже поголема волја за дијалог и разбирање на нашите позиции, одговори пратеникот и претседател на комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по пораките на Рокас. Според него политички консензус за членство ЕУ има, но политичките актери се разликуваат во тактиката како да се стигне до целта.

-Не сум сигурен дека кај сите земји членки во ЕУ процесот на проширување е еднаков приоритет. За жал, во нашите контакти сме забележале дека постојат и такви земји членки иако можеби не се мнозинство кај којшто процесот на проширување не е приоритет. Ние сме реалисти, не затвораме очи, знаеме дека сега ова прашање е дел од процесот со кој сите треба да се соочиме, но сакам да напоменам дека нашиот став е дека Уставот не смее во ниту една демократска земја да се менува со затворени очи. Уставните измени не треба да се прават ако земјата не е сигурна дека таквото менаџирање ќе ја донесе до посакуваната цел, изјави Милошоски.

За лидерот на СДСМ кој е и претседавач со Националниот совет добро е да се одржува консензусот за членство во ЕУ. Смета дека потребно е сите фактори и Владата да го забрзаат европскиот процес и реформите дома, а овој собраниски состав да го отвори и првиот кластер од преговорите.

-Кога станува збор за владеењето на правото нотирано е дека најавите на Владата за распуштање на судскиот и обвинителскиот совет предизвикуваат сериозна загриженост, потенцирајќи дека такви активности би можеле да ја нарушат независноста. Измените на КЗ од 2023 година ја ослабнаа правната рамка и негативно влијаеја на борбата со корупцијата, многу тековни случаи беа прекинати или заради рок на застареност или конкретни заклучоци како што е злоупотреба на службената должност при јавните набавки веќе не постојат, изјави Филипче.

Меѓу забелешките во извештајот од ЕК, покрај условот со уставните измени, се потенцира и употребата на скратена или итна постапка на носење на законите и да внимава на соодветна употреба на европското занменце кое во минатото се злоупотребуваше во Собранието, реформите во јавната администрација, владеењето на правото и борбата со корупцијата.