Рокот за откуп на дворното место продолжен до 15 декември

Наместо да истече на 13 ноември оваа година, рокот за поднесување на барање за откуп на дворното место е продолжен до 15 декември оваа година, пишува дневниот весник „Вечер“.

Оваа и низа други новини предвидува Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, што вчера го поминаа првото читање во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според заменик-министерот за финансии Ардијан Џеладини ова се прави за да им се излезе во пресрет на граѓаните кои од низа причини досега не успеале да поднесат барање за приватизација.

Барања за приватизација со новите решенија ќе можат да поднесуваат и граѓаните на чии парцели е предвидена, а не е реализирана изградба на јавни објекти и површини, како плоштади, паркови, сообраќајници и слично.

Може да се приватизира и градежно изградено земјиште за кое не е донесен детален урбанистички план. Во таков случај приватизацијата ќе можат да ја извршат корисниците на земјиштето во рамките на површината под објектот врз основа на геодетски елаборат. Откупот станува можен и кога се работи за повеќе изградени делови. На правните и на физичките лица, исто така им се овозможува да приватизираат и земјиште во сопственост на државата кое во изградената градежна парцела учествува до 500 квадратни метри.

Кај закупот кој е неминовен ако земјиштето се приватизира, се менува тоа што ќе се однесува само на изграденото градежно земјиште

Покрај ова, со измените се предлага правните субјекти на кои во изминатиот период им се доделувани решенија за корисничко право на големи површини земјиште, да го приватизираат само оној дел на кој се наоѓа деловниот објект.

Измените добија поддршка од членовите на Комисијата, кои оценија дека со нив граѓаните ќе имаат поголем бенефит.