Рокот за поднесување барања за субвенции истекува на 31 мај годинава. Од Министерството за земјоделство апелираат до заинтересираните земјоделци кои се уште не поднеле барање да се обратат во подрачната единица каде што имаат регистрирано земјоделско стопанство за да поднесат барање во пропишаниот рок.
Стриктното почитување на рокот на поднесување на барање за финансиска поддршка треба да овозможи навремено спроведување на сите потребни постапки за обработка на барањата и исплата на средствата согласно предвидениот распоред во текот на годината кој е усогласен со типот на земјоделското производство.
Барањето се поднесува по електронски пат без доставување документи, а врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни.
Одгледувачите на говеда, овци, кози и пчели пред поднесување на барањето треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор.