Во едно од најголемите дербија на италијанскиот фудбал Рома на румскиот стадион „Олимпико“ го победи градскиот ривал Лацио со 3:0 продолжувајќи ја низа без пораз во првенството на последните осум кола.
Екипата на Жозе Мурињо целата работа ја заврши во првото полувреме. Јунак на „Волчицата“ беше двојниот стрелец Тами Абрахам, а меѓу стрелците се впиша и Лоренцо Пелегрини.
Англискиот напаѓач ја доведе Рома во водство по само 56 минути игра, што е најбрзиот погодок во „Дерби дела Капитале“ одигран во Серија А.
Во 22 минута Абрахам зголеми на 2:0, а фантастичното полувреме на Рома го заокружи Пелегрини погодувајќи ја противничката мрежа од слободен удар во 40 минута. Абрахам во 66 минута имаше шанса за „хет-трик“, кога им избега на двајцата противнички стопери но во завршницата од акцијата лошо шутираше.
Рома со победата во дербито го прескокна Лацио пробивајќи се на петтот место со 51 бод. Лацио остана шести со 49 бодови, но седмата Аталанта има 48 бодови и меч помалку.
На врвот е Милан со 66 бодови, Наполи има три бода помалку, а третиот Интер има 60 бодови и меч помалку.
Пред Рома е и Јувентус кој има 59 бодови, откако претходно во неделата на домашен терен со головите на Пауло Дибала во 5 и Душан Влаховиќ во 29 минута ја совлада Салернитана.