Рома му врачи отказ на Јуриќ

Хрватскиот фудбалски стручњак Иван Јуриќ во неделата вечерта доби отказ од функцијата тренер на италијанскиот прволигаш Рома по само 53 дена минати на клупата на „Bолчицата“.

Кобен за Јуриќ беше поразот од 2:3 на домашен терен од Болоња претходно во неделата, тоа е четврти пораз во последните пет настапи во Серија А, по што тимот остана на 12-то место на табелата со 13 бодови. Во Конференциската лига, Рома во првите четири кола освои пет бода и се наоѓа на 20-то место.

„Му благодариме на Иван Јуриќ за неговата работа во последните неколку седмици. Исклучително професионално се справи со ова тешка опкружување и ние сме му благодарни за тоа. Му посакуваме сѐ најдобро во иднина. Потрагата по нов тренер веќе е започната и очекуваме соопштение во наредните денови“, се наведува во соопштението на Рома.

Севкупно, Јуриќ ја водеше Рома во 12 натпревари, осум во првенството и четири во Конференциската лига и оствари резултат од четири победи, три нерешени и пет порази.

Јуриќ на клупата на Рома пристигна на 18-ти септември, откако Даниеле Де Роси доби отказ поради лошиот почеток на сезоната. Хрватскиот тренер го презеде тимот на 16-та позиција, но за неполни два месеца под неговото водство немаше значително подобрување.

Поранешниот италијански селектор Роберто Манчини, кој неодамна ја напушти селекторската функција на Саудиска Арабија, важи за главен кандидат за клупата на Рома.