Романија ги повторува претседателските избори на 4 и 18 мај

Романската владејачка коалиција во средата одлучи двата круга од претседателските избори да се повторат на 4-ти и 18-ти мај и ќе се придржува до првичниот план за поддршка на заедничкиот кандидат, соопшти во средата Либералната партија од трипартитната коалиција.

Трите излегувања на гласачките места за избор на претседател и парламент ја фрлија романската политика во хаос откако Калин Џорџеску, претходно малку познат краен десничар победи во првиот круг од претседателските избори на 24-ти ноември, а испадна фаворизираниот социјалдемократскиот премиер Марсел Чолаку. Во вториот круг на 8-ми декември, Џорџеску кој навестува дистанцирање од ЕУ и НАТО, требаше да се соочи со противничката од десниот центар, Елена Ласкони.

Поради сомневањата за наводно руско мешање во изборниот процес за што досега не беа пружени никакви конкретни докази, највисокиот романски суд ги поништи претседателските избори и ѝ наложи на владејачката коалиција да ги повтори. Романскиот претседател во заминување Клаус Јоханис ќе остане на функцијата до изборите во мај.

Новата влада во понеделник ќе го потврди новиот изборен распоред, најавија либералите.

Коалициските партии најавија дека ќе поддржат еден кандидат за да ја спречат победата на крајната десница. Тие го избраа Крин Антонеску, поранешниот лидер на лабуристите, иако аналитичарите веруваат дека на крајот би можеле да изберат некој друг, пишува Reuters.

На парламентарните избори на 1-ви декември, трите ултра-националистички и крајно десничарски партии освоија речиси 35 отсто од парламентарните места, трипати повеќе од претходните парламентарни избори, користејќи го бранот на романско незадоволство од внатрешните борби и обвинувањата за корупција од поголемите партии.

Како оправдување за катастрофалните резултати на етаблираните партии се наведуваат серијата кризи, вклучително и пандемијата ковид-19 и војната во соседна Украина, дополнително ја поткопале поддршката за центристичките партии.

Романскиот претседател е врховен командант на армијата и претседава со советот што одлучува за воената помош и одбранбените распределби. Претседателот ја претставува Романија на состаноците на ЕУ и НАТО и назначува главни судии, обвинители и шефови на разузнавачки служби.