Романскиот Уставен суд објави дека тврдокорната националистка не може да се кандидира на претстојните претседателски избори поради нејзините проруски ставови, кои вклучуваат спротивставување на Европската унија и НАТО алијансата.
Доцна во саботата, Уставниот суд одлучи да ја отстрани Дијана Шоошока, челничка на помала националистичката и евроскептична опозициска партија СОС Романија, од листата на претседателски кандидати, но до доцна во понеделникот не го објави образложението на пресудата.
Поради пресудата, политичари од сите страни на политичкиот спектар изразија загриженост дека судот ги пречекорува своите овластувања.
Одлуката ги зголеми тензиите во владејачката коалиција на левичарските социјалдемократи и централнодесничарските либерали. Лидерите на двете партии се натпреваруваат на претседателските избори, што предизвика сомнеж за продолжување на соработката меѓу двете партии по изборите.
Романија, членка на Европската унија и НАТО, оди на претседателски избори во два круга на 24-ти ноември и на 8-ми декември, а во меѓувреме ќе има и парламентарни избори.
Според Уставот, секој романски државјанин постар од 35 години кој немал криминално досие има право да се кандидира за претседател.
Сепак, уставниот суд тврди дека поради нејзините ставови во јавноста, Шошоака „нема да може да ја почитува својата претседателска заклетва и да го почитува уставот и да ја заштити демократијата доколку биде избрана“.
Петмина од вкупно девет членови на судот биле за бришење на Шошоака од листата на кандидати, двајца биле против, а двајца не биле присутни.
Мнозинството, вклучително и четворица судии номинирани и поддржани од владејачките социјалдемократи, рекле дека нејзините изјави „се доволна основа да покаже дека Дијана Шошоака како претседателски кандидат ја преиспитува и ја занемарува обврската за почитување на уставот со јавни говори кои повикуваат на отстранување на основните државните вредности и изборот, имено членството во ЕУ и НАТО“.
Шошоака, членка на Европскиот парламент, е позната по критиките за нејзините наводни антисемитски и проруски ставови. Но, некои политичари предупреуваат дека забраната за нејзината кандидатура го поткопува владеењето на правото и поставува опасен преседан за елиминирање на кандидатите.
„Ниту една уставна или законска одредба не дозволува Уставниот суд да ја толкува својата надлежност и да ги прошири своите овластувања со два нови критериуми за кандидатури, кои се од субјективен карактер и не се прецизирани во законот“, рече судијката Лаура Јулијана Скантеи во издвоено мислење.