Владата на Романија најави казни за шпекулантите на пазарите на електрична енергија и на природен гас, за да спречи инфлација на ионака високите цени и да обезбеди дополнителен извор на приходи за да им помогне на граѓаните и бизнисите со високите цени на енергијата.
Минатата недела владата објави дека размислува за воведување данок на дополнителната заработка на сите компании во синџирот на снабдување со енергија, барајќи дополнителни извори на приходи за финансирање на помош за граѓаните и малите бизниси со високите сметки за енергија.
Сметките за гас и струја се ограничени на одредено ниво на месечна потрошувачка, а државата им ја надоместува разликата на добавувачите.
Програмата беше продолжена во четвртокот за пет месеци, до крајот на август следната година, но Владата го намали нивото на потрошувачка што гарантира 15 отсто пониска цена.
Казните за оние кои ќе ги „надујат“ цените ќе изнесуваат пет отсто од прометот. Најавен е и фонд за енергетска транзиција што ќе се финансира од даноците на производителите и трговците на енергија и на гас. Како и казни во висина од пет отсто од прометот доколку се утврди дека преку последователни трансакции се напумпани цените на енергенсите.
„Мерките ќе ги спречат шпекулациите на пазарите на електрична енергија и природен гас“, рече романскиот премиер Николае Чиука.
Изменетата програма за поддршка ќе чини вкупно 12 милијарди леи, а трошокот ќе се компензира со нов данок, изјави министерот за финансии Адриен Качиу.