Врховниот суд на Романија во петокот ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори, додавајќи дека целиот изборен процес ќе мора да се повтори. Вториот круг требаше да се одржи во недела, а веќе се гласа на избирачките места во странство.
Со оглед на тоа што анкетите му даваа едноцифрени проценти гласови пред првиот круг, кандидатот Калин Џорџеску изненадувачки ја однесе победата што покрена прашања за тоа како е можно вакво изненадување во земја членка на Европската унија и НАТО. Се поставува прашањето и дали станува збор за промашување – намерно или ненамерно – на анкетите спроведувани од институти и агенции поврзани со европските мејнстрим центри.
Западот се вознемири откако овој кандидат кој практично излезе од никаде и победи во првиот круг. Изненадувачката победа на крајно десничарскиот независен кандидат Калин Џорџеску во првиот круг од претседателските избори, што ја зголеми загриженоста на Западот за стратешкото позиционирање на Романија.
Крајната десница, разединета во неколку групи, но обединета околу одбраната на „христијанските вредности“ и прекинот на помошта за Киев во име на „мирот“, не го крие задоволството од изборните резултати. Тоа предизвика сомневања за наводно надворешно мешање во изборниот процес на земја која со досегашната власт е цврст сојузник на Украина и важна база на НАТО кон Русија.
Во документите, кои беа декласифицирани од страна на највисокиот совет за безбедност на Романија во средата, се вели дека земјата наводно била цел на „агресивни хибридни руски напади“ за време на изборниот период и притоа не се укажува на никаков пример, ниту се даваат какви ода да се докази.
„Изборниот процес целосно ќе се повтори, а владата ќе утврди нов календар на чекори што треба да се преземат“, се вели во соопштението на судот. Меѓутоа, Судот не го доведе во прашање интегритетот на гласањето на парламентарните избори.
Во вториот круг од претседателските избори, кои требаше да се одржат в недела, крајно десничарскиот и обвинуван дека е наводно проруски кандидат Џорџеску требаше да се соочи со проевропската центристичка лидерка Елена Ласкона.
Крајно десничарските партии, исто така, постигнаа добри резултати на парламентарните избори минатата недела освојувајќи трипати повеќе мандати отколку во претходниот состав на романскиот парламент, иако владејачките социјалдемократи освоија најголем број места и се надеваат дека ќе формираат проевропска коалициска влада.