Романските земјоделци блокираа премин на границата со Украина

Романските земјоделци повторно го блокираа контролниот пункт на границата со Украина, објави во неделата украинската Државна гранична служба на социјалните мрежи.

„Околу 14:00 часот (по средноевропско време), од претставници на романската гранична полиција беше добиена информација за продолжување на блокирањето од страна на романските фармери и земјоделци на движењето на товарните возила во правец на контролниот пункт Сирет, кој е лоциран спроти украинскиот контролен пункт Порубноје“, се вели во соопштението.

Ден претходно, Државната гранична служба на Украина најави затворање на контролниот пункт на границата со Романија, но подоцна објави дека контролниот пункт е деблокиран.

На почетокот на ноември, полските превозници, на кои подоцна им се придружија и земјоделците, ги блокираа автомобилските контролни пунктови на границата со Украина. Тие бараат враќање на претходно откажаниот систем на дозволи за украинските комерцијални превозници со исклучоци за хуманитарната помош и испораките за вооружените сили на Украина, суспензија на лиценците за компаниите издадени во соседната земја по февруари 2022 година, нивна инспекција, разделување на редиците со празните и натоварени транспортни возила.

Редицата на камиони коишто се блокирани на полската страна од границата достигнува 50 километри, а во неа во тешки зимски услови веќе починаа најмалку тројца украински возачи.

Слични протести и затворање на премините на границата со Украина, имаше и во Унгарија и Словачка. Односите меѓу Киев и неговите соседи станаа комплицирани поради ембаргото против украинското жито. На 15 септември, Европската комисија одлучи да не ги прошири ограничувањата за увоз на четири видови земјоделски производи од Украина во неколку погранични земји на ЕУ, но го обврза Киев да воведе мерки за контрола на извозот.

По ова властите на Словачка, Унгарија и Полска соопштија дека еднострано ја продолжуваат забраната. Во врска со ова, Украина поднесе жалба до Светската трговска организација (СТО). Како одговор, трите земји членки на ЕУ најавија дека ќе ги бојкотираат состаноците на платформата за координација за извозот на украинските житарки.