Со постигнатиот гол против Наполи (2:0) во Суперкупот на Италија, напаѓачот на Јувентус, Кристијано Роналдо дојде до својот 760. гол на официјални натпревари за клубовите во коишто играл, како и за репрезентацијата на Португалија. Со тоа, Роналдо го сруши светскиот рекорд за Чехот Јозеф Бикан, кој ги тресеше противничките мрежи 759 пати во периодот од 1931 до 1955 година.
Претседателот на Португалската фудбалска федерација (ФПФ) Фернандо Гомеш му го честиташе рекордот на предводникот на репрезентацијата.
-Срдечно му честитам на Кристијано за освојувањето на Суперкупот на Италија и за новиот рекорд. Кариера полна со успех, титули, почести и одликувања. Само одличен играч како тебе може да го направи ова. Честитки, капитене – напиша Гомеш на веб-страницата на ФПФ.
Во декември, португалскиот напаѓач го престигна легендарниот Бразилец Пеле (757 голови). На листата на најдобри стрелци во историјата следуваат Бразилецот Ромарио (743) и Аргентинецот Лионел Меси (719).