Роналдо стана трет стрелец на официјални натпревари во историјата на фудбалот

Португалскиот фудбалски ас Кристијано Роналдо со двата реализирани пенала во неделниот дуел против Фиорентина се искачи на третото место според постигнатите погодоци на официјални натпреварти во историјата на оваа игра.

Роналдо, кој во среда ќе наполни 35 години, со двата гола против Фиорентина постигна вкупно 50 погодоци откако дојде пред година и половина во редовите на Јувентус.

Португалецот ги постигна истовремено својот 721-ви и 722-ри погодок, со што го мина на вечната табела легендарниот германски центарфор Герд Милер кој има впишани 720 голови. Пред Роналдо е Бразилецот Пеле со 767 и неговиот сонародник Ромарио со 734 погодоци.

Најголемиот спортски ривал на Роналдо за титулата најдобар фудбалер на денешницата, Аргентинецот Лионел Меси, кој има 32 години, е шести на листата со 705 погодоци, еден помалку од унгарската легенда Ференц Пушкаш.

Сезонава Роналдо досега одигра 27 меча во сите натпреварувања на кои постигна 22 погодоци. На табелата на стрелците во италијанското првенство е втор со 19 голови, зад напаѓачот на Лацио, Чиро Имобиле кој постигна 25 погодоци.

Роналдо настапува за Јувентус од летото 2018 година, и со него минатата 2019 година го освои шампионатот на Италија а во 2018-та стана победник во Суперкупот на Италија. Претходно настапуваше за шпански Реал Мадрид со кој има две титули во Ла Лига и англиски Манчестер Јунајтед со кој трипати беше првак на Премиер лигата, а кариерата ја започна во португалски Спортинг.

Со Реал четири пати и со Манчестер Јунајтед еднаш ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите, пет пати беше добитник на Златната топка а четири пати на Златната копачка, како најдобар стрелец во европските шампионати.

За репрезентацијата на Португалија, Роналдо одигра 164 натпревари на кои постигна 99 погодоци, а и двата параметра се репрезентативни национални рекорди. Со селекцијата на татковината стана во 2016 година и првак на Европа.