Е да, често пишувам за процесот што го одржува и пропагира „структурата“ која има за цел во човештвото, за почеток во развиените западни демократски општества, а потоа и пошироко, да ги истисне сите здрави, нормални, природни и од Бога благословени и заповедани вредности, вистини и модели на живеење.
Пишува: презвитер Ивица Тодоров
Тој ПРОЦЕС е препознатлив по тоа што е плод на лажно-слободарската идеологија позната како неолиберализам. Оваа идеологија во име на „слободата“ и „човековите права“ ги ослободува и правно ги заштитува сите огревовени, перверзни и нездрави пројави на човековата оболена природа и личност.
Всушност, тие не признаваат дека човековата природа и личност се во состојба на оболеност и огревовеност затоа што оваа концепција на вреднување на човекот е втемелена на христијанските, но и на објективно научните вистини и сознавања за реалноста на човековата личност и природа!
„Структурата“ што ги подржува неолибералните погледи за човекот истите ги темели на еволуционизмот, на негирање на постоење вистина за Бог и за човекот и на тотален релативизам.
Всушност, нивниот процес за ЗАРОБУВАЊЕ на човештвото во името на „слободата“ е втемелен на краен РЕЛАТИВИЗАМ кој треба да поттикне НИХИЛИЗАМ, односно противење и НЕГИРАЊЕ на било какви објективни и докажани вредности, вистини и модели на живеење.
Ова противење, засилено со сериозна пропаганда и со правна заштита втемелена на прилагодените законодавствата на конкретните држави треба да формира НОВ ТИП на ментален склоп и начин на однесување кај луѓето! Начин на однесување кој ќе ја отвори „вратата“ на:
1. антитеизмот и крајниот антитрадиционализам,
2. на перверзната слобода во пројавата и изразувањето на сексуалноста (LGBTIQ/ gender идеологија/ Истанбулска конвенција),
3. тотално релативизирање на поимите „БРАК“, „СЕМЕЈСТВО“, „ПОТОМСТВО“ и „МОРАЛ“,
4. формирање на сосем ново доживување на општеството, колективитетите, религиите, вредностите,
5. ширење на култура на ПОВРШНОСТ, конформизам, СУБЈЕКТИВИЗАМ, потрошувачко општество, хедонизам и КРАЈНА ОТУЃЕНОСТ!
Финалето на овој процес е формирање на општество од крајно отуѓени и морално уништени индивидуи кои лесно од краен либерализам ќе бидат воведени во перфиден тоталитаризам на „антихристовото“ време!
Всушност, само христијанството може да го објасни ова време, односно, целта на постоењето на овој деструктивен ПРОЦЕС.
Само Божјото откровение запишано во Светото Писмо и автентично практикувано во Црквата може да ни помогне успешно да се движиме во ова време на општа ЗБУНЕТОСТ.
Само благодатното РАСУДУВАЊЕ втемелено на заповедите и ВОДСТВОТО Божјо може да ни помогне да не заскитаме во „слепи улици“ или да бидеме марионети во рацете на „структурата“ која ќе се обидува да не ОКУПИРА во името на „слободата“.
Исто така, треба да се знае дека ВО ОВА ВРЕМЕ автентичните христијани (оние кои знаат што се и зошто се) својата битка против овој ПРОЦЕС треба да ја водат како преку крајно здрав евангелски духовен живот и силно црковно заедништво така и преку МУДРО АНГАЖИРАЊЕ во политичките процеси, како во рамките на своите држави, така и на глобален план – и се така до времето на прогонството, до времето на АНТИХРИСТОТ во кое најголемиот подвиг ќе биде да се сочува умот и верата!
„Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот; и му се поклонија на змевот, кој што му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?” Нему му се даде уста, што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеца. Тогаш ја отвори устата за хулење поротив Бога, за да го похули името Негово, живеалиштето Негово и оние, што живеат на небото. И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ. И му се поклонија сите жители земни, чии имиња не се запишани во книгата на животот при Агнецот (Јагнето/ Христос), заклан од созданието на светот. Кој има уво, нека чуе!“ (Откровение. 13, 3 – 9)
—
Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни,неправедни,недружељубиви, непомирливи,клеветници,невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се!
(2. Тимотеј. 3, 1 – 5)
—
„Џендер (GENDER) идеологијата има во план да формира „нов човек“ кој освен што ќе ги има сите слободи, ќе ја има слободата да го избере и сопствениот пол и сексуалната орентација, односно, ќе може да решава дали ќе биде маж или жена (или нешто друго), ќе може да избере дали ќе биде хетеро или хомосексуален, бисексуален или транссексуален! Овој принцип на слободата и сексуалноста, по воља на ООН, Европската унија и повеќето европски држави ќе се ВНЕДРУВА во умовите на децата уште од детската градинка!“, Габриела Куби