Со потпишување на Меморандумот за соработка меѓу Рош Македонија и Центарот за кариера на Фармацевтскиот факултет Скопје, при УКИМ се официјализира соработка меѓу глобалната иновативна здравствена компанија и високообразовната институција. Соработката ќе се одвива во научната и стручна дејност од областа на фармацијата.
Меморандумот за соработка отвора можност за потесна заемна комуникација помеѓу една од најголемите интернационални иновативни здравствени компании и академската средина кај нас, со цел создавање подобри студиски програми конкурентни на пазарот на трудот, како и проширени цели и нова средина за учење.
„Како фармацевтска и биотехнолошка компанија којашто е предводник во создавањето иновативни терапевтски и дијагностички методи, го знаеме значењето и потребата од најсовремените научни заклучоци, теориска и практична емпирија во создавањето квалитетни високообразовани кадри во здравствениот сектор. Затоа ги вложуваме нашите ресурси и веруваме дека со заеднички ангажман ќе создадеме млад, стручен кадар, којшто ќе има можност да ги следи современите трендови во областа на биотехнологијата и дијагностиката и на тој начин ќе се оспособи за да ги поместува границите на ефективна здравствена заштита“, истакна д-р Александра Ивановска, директорка на Рош Македонија.
Соработката ќе биде фокусирана на взаемна размена на информации и искуства, стручна, научна и техничка поддршка во изготвување на експертски анализи, реализација на практикантство на студентите на Факултетот за времетраење на студиите, едукативни и консултативни активности, како и организирање и учество на научни и професионални состаноци, конференции, симпозиуми и други форми на образование.
На потпишувањето присуствуваа Деканот на Фармацевтскиот Факултет проф. д-р Зоран Стерјев, раководителот на Центарот за кариера проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска. Според нив, со овој Меморандум, македонските студенти добиваат ретка но вредна можност за збогатување на својата едукација со искуства и експертско знаење од една од најиновативните компании во фармацијата што значително ќе го зголеми нивото на стручност, професионалност и конкурентност на македонските фармацевти на глобалниот пазар на трудот.