Италијанецот Валентино Роси по подолго време ќе стартува од првиот ред откако на квалификациите за Големата Награда на Тајланд во Мото ГП шампионатот го освои второто место. Легендата на мотоспортот се најде меѓу актуелниот шампион, Марк Маркез и Андреа Довициозо.
Големата Награда на Тајланд за прв пат се вози па патеката Чанг веднаш донесе возбудувања бидејќи „Јамахите“ на Роси и неговиот клупски колега Маверик Вињалес по долго време имаат добар викенд.
„Докторот“ заостана само 11 илјадити дела од секундата зад Маркез, кој стигна до пол-позицијата на премиерната ГН на Тајланд со време од 1:30.088.
Маверик Вињалес ќе стартува како четврти, а крај него во вториот ред се најдоа Кал Крачлоу и Андреа Јаноне. Помеѓу најбрзите десет уште завршија и Педроса, Зарко, Петручи и Милер.
Утре нема да настапи Шпанецот Хорхе Лоренцо, кој вчера на слободниот тренинг падна и има мала скршеница.
Во генералниот пласман води Маркез со 246 поени, пред Довициозо со 174 и Роси со 159.