Рускиот нафтен гигант „Роснефт“ поднесе тужба пред суд во Германија против тамошната влада поради преземањето на нејзината фирма ќерка кој ја вклучува и големата рафинерија во Швед, известуваат германските медиуми.
Германската влада кон средината на септември ги довери управувањето со филијалите „Rosneft Deutschland“ и „RN Refining & Marketing“ на домашниот регулатор за енергија за да обезбеди контрола над рафинеријата во Швед којашто со горива го снабдува главниот град Берлин и значаен дел од северна Германија. Покрај тоа, со деривати снабдува и делови од западна Полска и аеродромот Берлин-Бранденбург.
Рафинеријата во Швед нема излез на мора, четврта е по големината во Германија и подмирува 90 отсто од потрошувачката на горивата во Берлин. Откако е изградена во 1960-те години нафтата ја набавува исклучиво од Русија преку нафтоводот „Дружба“.
„Покрај сопственоста, се отстранува и заканата за енергетска безбедност и се поставува основата за зачувување и иднината на локацијата Швед“, соопшти тогаш германското министерство за економија.
Тогаш истакнаа и дека „Rosneft Deutschland“ сочинува 12 отсто од германските капацитети за преработка на нафтата и дека спаѓа меѓу најголемите преработувачи во Германија. Покрај Швед, регулаторот сега управува и со рафинериите на „Роснефт“ во Карлсруе и Вохбург.
Руската компанија сега пред сојузниот управен суд во Лајпциг поднесе тужба против владата во Берлин, извести германскиот деловен дневен весник Handelsblatt, повикувајќи се на застапникот на „Роснефт“, адвокатската канцеларија „ Malmendier Legal“.
Од „Роснефт“ тврдат во тужбата дека потегот на германската влада бил неоправдан, бидејќи компанијата уредно ги исполнувала своите обврски до договорите.
„Сѐ до денешниот ден ‘Роснефт’ во цел обем ги исполнува своите обврски за испорака на сирова нафта“, се наведува во тужбата поднесена преку „Malmendier Legal“.
Од германското министерство за економија во петокот за Reuters рекле дека се запознаени со тужбата на „Роснефт“, од каде не одговориле на барањето за коментар. Од Берлин додале дека сѐ уште не добиле никакви документи, но тврдат дека биле исполнети сите услови за преземањето на филијалите на „Роснеф“ според германскиот закон за енергетска безбедност.
„Причината е загрозувањето на снабдувањето со енергија и заканата од уривање на сигурноста во снабдувањето“, додал портпаролот на германското министерство за економија.