Рот: Германија е против промената на границите на Балканот

Германија решително ги отфрла замислите кои би воделе кон прекројување на границите на Балканот и смета дека тие се „реликвии од пропаднатото минато“, изјави Михаел Рот, државен секретар во германското Министерство за надворешни работи задолжен за Европа.

Во интервјуто за приватната мрежа Deutsche Welle објавено во четвртокот, Рот вели дека со промените на границите не би бил решен ниту еден проблем на Балканот, туку само би се создале нови судири.

„Такво нешто би било извонредно опасно, а би се заканувало со повторно отворање на Пандорината кутија со конлфиктен потенцијал. Не мора да бидете пророк ова да го кажете. Сегашноста и иднината на западен Балкан лежат во помирувањето, блиската регионална соработка и конечното отстапување од национализмот и реваншизмот“, вели Рот истакнувајќи дека државите во регионот треба да останат „дом на мултирелигиските и мултиетничките општества“.

Рот со ова одговара на прашањето за наводниот документ кој го објави словенечкиот портал necenzurirano.si, близок на неолибералната словенечка европратеничка Тања Фајон, со кој неидентификуваните автори а се обвинуваше десничарскот словенечки премиер Јанез Јанша, анводно предлгаат поделба на Босна и Херцеговина, и создавање на голема Хрватска, голема Србија и голема Албанија на сметка меѓу другото и на Македонија. Јанша децидно ги демантираше обвинувањата за авторство на документот, а оние кои го објавија и коментираа со напади досега не докажаа дали документот е автентичен и за кого би можел да биде наменет.

Водечкиот герамнски дипломат задолжен за Европа во интервјуто истакнува дека владата на Словенија јасно се дистанцирала од овој документ, како и од сите „мечтаења“ за промена на границите, бидејќи тоа не може да биде во интерес на никој во Европа, особено имајќи ги предвид трагедиите кои ги предизвикаа војните на подрачјето на поранешна Југославија.

Рот изрично тврди дека не постојат никакви сили во Европската унија коишто би заговарале прекројување на границите.

„Стратегијата за проширување на ЕУ и стратегијата за западен Балкан на Европската унија не предвидуваат никакво повлекување на границите. И добро е што е така и тоа така мора и да остане“, вели германскиот дипломат.

Најавува дека во мај и јуни западниот Балкан и проширувањето на ЕУ ќе бидат во фокусот на состанокот на Советот на министри за надворешни работи и министрите за европски прашања на земјите членки. Рот појаснува дека очекува дека од тоа ќе произлезе „зеленото светло“ за продолжување на процесот на влегување во членството, како и дека за тоа и лично ќе се заложи.

„ЕУ мора да го одржи својот збор и процесот на зачленување не смее да го држи под мраз. Итно ни се потребни повеќе позитивни сигнали за овој регион. На коцка е ништо помалку отколку веродостојноста на ЕУ. Настаните во изминатите 12 месеци покажаа дека ЕУ на западниот Балкан има системски противници кои ги пополнуваат празнините коишто ние им ги оставаме. Во нашиот сопствен интерес е овој регион посилно да го врземе за себеси“, ги појаснува Рот ставовите на официјален Берлин во однос на регионот.