Роверот „Perseverance“ на американската агенција за вселенски истражувања NASA претворил јаглерод диоскид од атмосферата на Марс во кислород, што е првиот ваков случај на друга планета, објави агенцијата.
„Ова е пресудниот прв чекор во претворањето на јаглерод диоксид во кислород на Марс“, изјави Џим Ројтер, администратор во управата на NASA за вселенска технологија.
Технолошката демонстрација се случила во вторникот 20-ти април, и постои надеж дека следните верзии на експерименталниот систем кој е користен би можеле да го отворат патот за идните истражувања со човечки екипажи.
Според Ројтер, овој процес не само што може да произведе кислород кој идните астронаути ќе може да го дишат, туку би можел да го направи непотребно извлекувањето на огромни количества кислород од мразот од длабочините на Марс потребни за ракетниот погон за враќање на Земјата.
Системот „The Mars Oxygen In-Situ Resource Utilization Experiment”, или попознат по акронимот MOXIЕ, е златна кутија со големина на автомобилски акумулатор и се наоѓа во внатрешната предна десна страна на роверот „Perseverance“.
Овој систем користи електрична енергија и хемија за цепење на молекулите на јаглерод диоксидот, кои се состојат од еден атом јаглерод и два атома кислород. МОXIE, исто така, произведува и јаглерод моноксид како нуспродукт.
МОXIE произвел 5 грама кислород, што е доволно за околу 10 минути дишење на астронаут во текот на нормални активности. Инженерите на NASA сега ќе спроведат дополнителни тестови и ќе се обидат да го зголемат неговото производство. Направен е да може да произведува до 10 грама кислород на час.
Системот е дизајниран во водечкиот светски технолошки институт во американската сојузна држава Масачусетс (Massachusetts Institute of Technology – MIT). MOXIE е направен од материјали отпорни на топлина, како што се легури од никел, и може да поднесе температури до 800 Целзиусови степени потребни за неговото придвижување. Тенката златна навлака обезбедува да не ја испушта својата топлина и со тоа да не му наштетува на роверот.
Мајкл Хехт, планетарен научник и инженер во MIT, вели дека верзијата на MOXIE од еден тон би можела да произведе околу 25 тони кислород потребни за полетување на ракета на Марс. Производството на кислород од ретката атмосфера на Марс, којашто се состои од 96 отсто јаглерод диоксид, би можело да биде поизведлива опција отколку извлекувањето на мразот од под површината на планетата, за да се добие кислород со постапката на електролиза.
Роверот „Perseverance“ слета на Црвената планета на 18-ти февуари. Неговиот мини-хеликоптер „Ingenuity“ претходно седмицава влезе во историјата со првиот лет на такво летало на друга планета. Роверот, исто така, првап директно ги сними звуците на Марс.