Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) ја започна новата кампања под мотото #СтавиПојас, чија цел е подигнување на свеста за важноста на сигурносните појаси како начин за намалување на повредите при сообраќајни незгоди.
„Сигурносниот појас не е само револуционерен изум, туку и уред кој секојдневно спасува животи. Неговото користење е инвестиција во сопствената безбедност и иднина, полна со доживувања и безбедни километри“, велат од РСБСП, нагласувајќи ја неопходноста од користење на појасите како на предните, така и на задните седишта.
Во рамки на кампањата, РСБСП ќе спроведува превентивни и едукативни активности на територијата на целата држава.
Според соопштението, за таа цел се изработени едукативни материјали кои ќе бидат поделени на учесниците во сообраќајот. Активностите ќе се реализираат преку директни контакти на терен, медиумски кампањи и ангажирање на социјалните мрежи.
Од РСБСП потсетуваат дека Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата налага обврска за користење сигурносен појас за сите патници во возилото.
„Покрај возачот и патниците на предните седишта, задолжително е носење појас и за лицата на задните седишта. Исто така, за деца под петгодишна возраст задолжителна е употреба на детско седиште“, нагласуваат од РСБСП.
Непочитувањето на овие одредби повлекува глоба од 40 евра за возачите и 50 евра за сопатниците кои не носат сигурносен појас. „Сепак, животот и безбедноста немаат цена“, велат од РСБСП, апелирајќи до граѓаните секогаш да го користат сигурносниот појас при секое патување.
Кампањата #СтавиПојас е чекор напред кон создавање побезбедни патишта и намалување на ризиците од сообраќајни несреќи со фатални последици.