РСБСП: Не користи мобилен додека возиш, секој повик може да почека

-Многумина не можат да го замислат секојдневието без употреба на мобилен телефон, најчесто поради олеснета комуникација, функционалност, поефективно извршување на работните обврски и слично. И навистина, никој не може да ја оспори потребата од користење мобилениот. Но, развојот на технологијата и зголемувањето на нејзината достапност за употреба на секое место и во секоја ситуација, не значи дека имате право да го правите тоа секогаш и секаде, затоа, не користи мобилен телефон додека возиш. Секој повик може да почека!, апелираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), од каде велат: Кога возите оставете го мобилниот телефон настрана. Животот, здравјето и безбедноста нека ви бидат секогаш на прво место.

-Во сообраќајот, мобилниот телефон како причина за одвлечено внимание на возачот се јавува во 20 до 25% од сите сообраќајни незгоди. Со развојот на технологијата, во наредните години се очекува оваа состојба дополнително да се влошува. Одвлеченото внимание е причина за голем број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, за многу несреќни животни приказни испишани на патиштата и на улиците, за тажни човечки судбини. Оттука и прашањето: Вреди ли?

Статистиката на светско ниво покажува дека 45% од возачите го користат мобилниот телефон додека возат, а според истражувањата на РСБСП во Република Северна Македонија 63% од возачите користеле мобилен телефон додека возат. Универзитетска студија во САД, проценува дека употребата на мобилни телефони за време на возењето резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди годишно, а пак истражувањата на СЗО покажуваат дека употребата на мобилен телефон ја зголемува опасноста од сообраќајна незгода за 4 до 9 пати.

Се поставуваат прашањата:
• Колку важен разговор не може да „почека“ да застанете на првото безбедно место на кое може да се запре возилото и да разговарате?
• Дали бегајќи од метежот, гужвата и опкружувањето со секакви луѓе, свесно ги оставате телефонските разговори за моментите кога ќе бидете сами зад воланот?
• Дали сте свесни за ризикот и опасноста на која ги изложувате вашиот и животите на вашите најблиски и на другите учесници во сообраќајот, со тоа што не можете да се воздржите од користење на мобилниот телефон кога сте зад воланот?
• Дали знаете дека пишувањето порака додека возите е еднакво на возење со затворени очи цели 6 секунди за кои возило со брзина од 60 km/h поминува 100 метри?
Употребата на мобилен телефон додека се управува со моторно возило е ризично, опасно, но и спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возач кој зборува или пишува на мобилен телефон додека вози, се санкционира со 40 евра во денарска противвредност, соопштија од РСБСП.