РСБСП:Одговорно однесување во сообраќајот за празниците

рсбсп

Единствениот услов за безбеден сообраќај за време на празничните денови е да ги почитувате сообраќајните правила и прописи и условите на патот и да се прилагодувате кон нив. Само така ќе бидете сигурни дека безбедно и на време ќе пристигнете до саканата дестинација, посочуваат од РСБСП.

Воедно, се апелира до учесниците во сообраќајот на смиреност, фокусираност, да возат одморени, со претходно испланирано патување и со редовни паузи за време на патувањето.

Подгответе го возилото – направете си ги сите потребни подготовки на возилото и осигурајте се дека во него имате ќебе, џебна ламба и комплет за укажување прва помош, односно сите потребни средства потребни во сличај на незгода. Ако патувате со деца во возилото, обезбедете им сигурно патување со тоа што ќе им обезбедите соодветно детско седиште. Проверете го товарот пред да тргнете на пат, се меѓу советите за возачите.

Најважниот апел до сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци, велосипедисти, мотоциклисти е, наведуваат, да не се учествува во сообраќајот во случај на консумирање алкохол.

Без разлика на кој начин учествувате во сообраќајот, единствен услов да пристигнете безбедно до саканата дестинација е да не консумирате алкохол бидејќи алкхолот е една од водечките причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со смртни последици. Статистиката говори дека во 2016 година повеќе од 160 лица го загубија животот во сообраќајни незгоди. Да не дозволиме овие празници да се претворат во нечија семејна трагедија. Учествувајте одговорно во сообраќајот, апелираат од РСБСП до сите учесници во сообраќајот посакувајќи им безбедни патувања, со желби за среќна Нова Година и среќен Божик.