Годинава 54 новинари се убиени во текот на својата работа или поради тоа, објави организацијата Репортери без граници (Reporters sans frontières; RSF), а најголема опасност за новинарите е израелската којска која според RSF убила 18 новинари, па Палестина е следствено најопасната територија за извршување на оваа работа.
Според RSF, израелската војска годинава убила 16 новинари во Газа и уште двајца во Либан.
„Палестина е најопасната земја за новинарите“, пишуваат авторите на извештајот, кој вклучува податоци од првите 11 месеци од оваа година.
RFS досега има поднесено четири тужби до Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) за воени злосторства извршени врз новинари во Палестина.
Организацијата со седиште во Париз соопшти дека израелската војска убила повеќе од 145 новинари од почетокот на агресијата во Газа, 35 додека ја извршувале својата работа.
Меѓународната федерација на новинари (IFJ), најголемата светска федерација на синдикати на новинари, во посебен извештај во вторникот соопшти дека 104 новинари биле убиени за време на извршувањето на својата должност оваа година.
Според француската новинска агенција AFP, бројот на новинари што го забележал IFJ обично е многу поголем од бројот што го известува Репортери без граници поради разликите во методологијата.
Според RSF, по Палестина на црната листа, следува Пакистан со седум убиени новинари, додека пет убиства се забележани во Бангладеш и Мексико.
Во моментов ширум светот се затворени 550 новинари, уште 55 други се во заложништво, а 95 се водат како исчезнати.