Раководителот на тајната служба на Руанда, Карензи Караке е уапсен во Лондон.
Тој е задржан во притвор, каде ќе остане до четврток, кога првпат ќе биде сослушан од судијата за екстрадиција, за да се одлучи дали ќе биде префрлен во Шпанија или ќе може да се врати во Кигали, во Руанда, пренесува МИА.
Караке, кој има воен чин на генерал, е обвинет за воени злосторства и за геноцид, затоа што наредил масакр врз цивили, додека раководел со военото разузнавање на оваа источноафриканска земја, во време на тамошната крвава гражанска војна во 1994 година.
Тој е обвинет и за убиство на тројца Шпанци, активисти на хуманитарната организација „Медикос дел Миндо“ кои во тој период дејствувале во Руанда.
Во 2008 година, еден шпански суд покрена обвинување за 39 поранешни и сегашни високи воени функционери на оваа африканска земја.
За време на крвавите настани и извршениот геноцид, само меѓу април и јуни 1994 година повеќе од 800 илјади лица беа убиени од припадниците на екстремистичките и милитантни Хути.
Голем број од убиените припаѓаа на етничката заедница на локалните Тутси, а меѓу жртвите на масакрите имаше и умерени припадници на Хутите кои се противеа на насилствата и на спроведениот геноцид.
Министерството за надворешни работи на Руанда остро го осуди апсењето на Карензи Караке, како и се уште отворената меѓунардна потерница за 39 воени функционери на оваа земја.