Рубио: Украина и Европа мора да бидат дел од „вистинските“ преговори

Американскиот државен секретар Марко Рубио во неделата изјави дека и Украина и Европската унија треба да бидат вклучени во преговорите за ставање крај на војната со Русија, по стравувањата дека САД и Русија ќе водат само билатерални разговори.

„Доколку се започнат вистински преговори, а тие сè уште не се започнати, но кога ќе започнат, Украина ќе биде поканета бидејќи тие се оние на коишто е извршена агресија“, изјави Рубио за американската телевизиска мрежа CBS News.

„И Европејците, исто така, ќе бидат вклучени затоа што воведоа санкции против (рускиот претседател Владимир) Путин и Русија и тие се вклучени во сето ова“, рече Рубио, предупредувајќи дека преговорите „сѐ уште не се тука“.

Американскиот државен секретар во моментов е во Ерусалим, каде што одржа прес-конференција со премиерот Бенјамин Нетанјаху. Оттаму, Рубио патува во Саудиска Арабија за да се сретне со руските претставници, придружуван од американскиот специјален пратеник Стив Виткофф и советникот за национална безбедност Мајк Волц.

Рубио во интервјуто не кажа во кој состав ќе присуствува руската делегација и кога точно ќе се одржи средбата.

На преговорите во Саудиска Арабија нема да присуствуваат ниту украински, ниту европски претставници. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно на американската телевизија изјави дека нема да прифати никакво мировно решение во кое Украина не е учесник.

Тој, исто така, побара од САД безбедносни гаранции. Без нив, отпаѓа можноста за економски пакт со САД, кој вклучува пристап до ретки минерали пронајдени во Украина што тој го нуди подолг период.

Претходно седмицава американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека Украина може да плати за големите американски заеми и помош во оружје со ретките земји и метали.

Рубио истакна дека прелиминарните преговори сега мора да бидат проследени со акција. „Следните неколку недели и денови ќе одлучат дали преговорите се сериозни или не. Еден телефонски повик и една средба не можат да решат конфликт“.